Saturday, Nov 18th

Last update:01:32:48 PM GMT

You are here:

21 коло: МПФЛ

E-mail Print PDF

altaltПорази на водечкото дуо, Вардар славеше на вечното дерби.

Можеби пред почетокот на ова коло македонската фудбалска јавност со нетрпение го исчекуваше дуелот помеѓу Вардар и Пелистер, но најинтересниот меч беше во Прилеп, каде Победа го пречека Работнички. Многу голови, многу пенали, пресврти и фудбал кој што очајно му требаше на Прилеп но и на цела Македонија. Во времиња кога сите ги гледаат Манчестер и Ливерпул, Победа и Работнички, поранешните македонски шампиони, на најдобар можен начин ги потсетија македонските фанови за македонското првенство. Фабио Силва го отвори резултатот уште во шестата минута и најави доминација на гостите, но прилепчани не дозволија трет пораз во низа. Се играше 40-тата минута кога засилувањето од Мирче Ацев, Боби Велјаноски го постигна својот гол-првенец за Победа и израмни на 1-1, а само неколку минути подоцна Рутевски по додавање од Димитровски го доведе својот тим во водство. Тоа беше резултатот со кој се отиде на полувреме, но возбудувањата беа стигнати само до половина. На самиот старт на второто полувреме стигна одговорот од Работнички. Повторно Бразилец, овој пат Марсио Бамбу израмни на 2-2. Не поминаа ни 5 минути а капитенот на Победа, Благојче Дамески постигнува гол од пенал за 3-2. Работнички веќе целосно се отвора и фрла се на нападот, па Боби Божиновски кој се изнапромаши денеска имаше прилика да го изедначи резултатот и на 3-3, но Пашовски го одбрани неговиот удар од белата точка, а рикошет-ударот на Марсио не го погоди голот. Победа полека се ослободуваше од притисокот за во судиското надополнување да стави точка на овој натпревар со вториот гол на Дамески и конечен резултат од 4-2.

Лутите ривали Вардар и Пелистер за прв пат одиграа натпревар на реновираната арена во Скопје, а овој пат Вардар му врати со иста мера на Пелистер за оној пораз од есенскиот дел. Натпреварот почна внимателно од двете страни, а Вардар прв се закани. Пелистер играше стабилен, но позатворен фудбал и главно ја бараше својата прилика преку контра-нападите. И двата тима имаа прилики во првиот дел, но на полувреме овој натпревар беше единствениот денеска каде публиката не виде голови. Во второто полувреме двете екипи играа поотворено и прилики се редеа на двете страни. Пелистер ги имаше своите најсериозни некаде при средината на второто полувреме кога особено српското засилување Стевановиќ можеше да се прослави, но неговиот удар заврши во стативата. А ова дерби засекогаш ќе го памети Симеон Христов, играчот од младинскиот погон на Вардар. Се играше 78-мата минута кога едно мало невнимание на одбраната на Пелистер ги чинеше и пораз. Христов доби топка од шеснаесетникот, одбраната на Пелистер очекуваше повратна топка од него, но тој се сврти и од место биеше кон голот на Павловиќ, кој немаше одговор за овој удар. Христов, и тоа како добро, го погоди тајмингот за гол-првенец во дресот на Вардар - Вардар Пелистер 1-0 конечен резултат.

Интересно беше и на другиот дуел во Скопје, каде Металург ја пречека Ренова. Гостите први поведоа откако Илбер Алиу погоди од белата точка по претходно правилно досудениот пенал во нивна полза. Но, Металург до крајот на првото полувреме не само што успеа да израмни, туку го сврти резултатот и во своја полза. Најпрво, Крстев со глава донесе резултатско израмнување, а неколку минути подоцна Илијоски меѓу двајца успеа да најди простор и му донесе предност на својот тим, резултат со кој што се отиде и на полувреме. На самиот старт на второто полувреме, нов пенал. Овој пат за домаќините, а сигурен изведувач беше Миле Крстев. 3-1 и веќе убедлива предност за Металург, екипа која до крајот најавува и посериозно вмешување во врвот на табелата со оваа победа. До крајот на натпреварот и двете екипи останаа со играч помалку, но резултатот не се промени. Ренова го забележа вториот пораз сезонава, прв по 16-ти август 2009 г., додека пак Металург се доближи на -6 позади второпласираниот Работнички.

И под Шара публиката виде одличен меч, но не може да биде задоволна. Тетекс одигра нерешено со Силекс, иако имаше повеќе од играта. Слично како и на минатото гостување во Тетово, против Ренова, Силекс постигнаа први погодок но не успеаја да го сочуваат водството до крај. Дарко Трајчев ја доведе својата екипа во водство, но Благојче Марковски ја отежна работата за кратовци кога заработи втор жолт картон и го остави својот тим со играч помалку на теренот. Во вториот дел се беше на страната на Тетекс, освен постигнувањето на голови. Упорно притискаа но требаше играч од одбраната во судиското надополнување да донесе барем малку олеснување кај домашната публика. Сашко Ристов во 92-рата минута израмни на 1-1 што се покажа како конечен резултат.

Наредното коло се игра веќе во среда.

Победа - Работнички 4:2
Велјаноски 40', Рутевски 43', Дамески 54' (п) 90' - Фабио Силва 6', Марсио 50'

Вардар - Пелистер 1:0
Христов 78'

Металург - Ренова 3:1
Крстев 40', Илијоски 43', Крстев 50' (п) - Алију 34' (п)

Тетекс - Силекс 1:1
Ристов 90' - Трајчев 27'

Табела | Резултати и распоред



 

Addthis

blog comments powered by Disqus